Услови за користење на MNet-NVoD
Основни одредби
MNet-NVoD е платформа која емитува видео содржини коишто се различни според изворот, авторот, жанрот, како и природата на авторските права. Затоа е неопходно дефинирање на услови за користење на овој сервис, со кои ќе се регулираат правата на авторот на делото, правата за пренос и емитување. Во Условите за користење, коишто следуваат подолу, се дефинираат правата на користење и менаџирање на правните лица:
- ДПТУ М Нет-ХД ДОО Штип, во понатамошниот текст како добавувач, продуцент и менаџер на аудиовизуелни дела;
- ТРД М Нет-ХД ДООЕЛ Штип, радиодифузер, во понатамошниот текст како емитувач на аудиовизуелни дела;
- Правни лица со потпишан договор за партнерство, во понатамошниот текст - партнер;
како и дефинирање на правата за користење на услуги од MNet-NVoD на физички лица:
- Физички лица кои преку платформата гледаат аудиовизуелни дела, во понатамошниот текст - гледачи;
- Физички лица кои имаат потпишано договор за соработка и продукција на аудиовизуелни дела, во понатамошниот текст - партнер.
Секое од погоре наведените физички и правни лица, пред да користи било каква услуга од MNet-NVoD платформата, се согласил на подолу наведените одредби.
Услови за користење на MNet-NVoD како гледач
Гледачите имаат право на следење на аудиовизуелните дела коишто се емитуваат на NVoD каналите на оваа платформа, бесплатно, без било каков надомест. Дозволено е гледачот да ги снима аудиовизуелните дела, но да ги користи исклучиво за сопствени потреби, без да ги пренесува на трети лица, како и да остварува било каква финансиска и правна корист од истите, без претходен договор со менаџерот на платформата.
Услови за користење на MNet-NVoD како партнер
Партнери на MNet-NVoD се сметаат физички и правни лица кои потпишале договор за партнерство со менаџерот на MNet-NVoD. Партнерите на MNet-NVoD треба да ги почитуваат одредбите на предметниот Договор, како и техничките и „Содржински критериуми за аудиовизуелни дела“ наведени подолу во овој документ. Забрането е било каков менаџмент, користење и алтернација на авторските дела и услуги, вон условите кои ги пропишува предметниот Договор.
Услови за менаџмент со авторски права на аудиовизуелните дела
Добавувачот, продуцентот, менаџерот, како и партнерите на MNet-NVoD доставуваат аудиовизуелни дела за емитување, од сопствена продукција, што е експлицитно наведено во импресумот приложен на крај на секоја аудиовизуелна целина. Во рамки на аудиовизуелното дело може целосно или делумно да бидат вклучени аудиовизуелни дела произведени од трети лица, под услови наведени во точката „Услови на користење на авторски дела од трети лица“, објаснети подолу во овој документ.
Услови на користење на авторски дела од трети лица
Добавувачот, продуцентот, менаџерот, како и партнерите на MNet-NVoD, во рамки на своето аудиовизуелно дело, може делумно или целосно да користат аудиовизуелни авторски дела од трети правни и физички лица, само доколку имаат писмен договор за преземање или пренос на авторски права за користење од самиот автор. Доколку делото е издадено како „Royalty Free“, да биде обезбеден писмен документ, каде што авторот јасно навел дека делото го издава под оваа категорија на авторски права.
Доколку аудиовизуелното дело авторот не го регулирал официјално со авторски права. Да се обезбеди писмена изјава за согласност од авторот, за да врз предметното авторско дело се извршат предметните дејсвтвија.
Содржински критериуми за аудиовизуелни дела
Предмет на проценка на критериуми кај аудиовизуелните дела се следните составни делови на истото: аудио, визуелен и текстуален дел. Сите три составни делови мора да ги задоволуваат критериумите наведени под точките: „Општи содржински критериуми“, „Технички содржински критериуми“, „Критериуми за заштита на малолетна публика“, како и критериумите од точката „Заштита на приватност на податоци“.
Општи содржински критериуми
- Говорните, визуелните, како и текстуалните делови од едно аудиовизуелно дело не смеат да содржат тонска, визуелна, графичка или текстуална содржина, којашто се базира или упатува на: верска и национална омраза, невистина, сексизам, хомофобија, трансфобија, антисемитизам, клевета, како и дискриминација или навреди на било која основа;
- Наративот не смее да биде непристоен, насилен, заканувачки, навредлив или вознемирувачки по било која основа;
- Правото на пресумпција на невиност мора да биде заштитено, како што пропишуваат законските прописи во Република Северна Македонија;
- Ниту еден составен дел на аудиовизуелното дело не смее да ги прекршува позитивните законски прописи на Република Северна Македонија;
- Во составните делови на аудиовизуелното дело може да се користат заштитени трговски марки и информации за правни лица, само со изречна писмена согласност на нивниот сопственик, како и менаџментот на MNet-NVoD. Во спротивно се сметаат за деловни тајни и не смеат да бидат објавувани, користени и складирани на било каков начин.
- Доколку се користат делови од аудиовизуелни дела, деловите не смеат да бидат извадени од контекст или на било кој начин да создаваат погрешен впечаток, заблуда или алтернација на вистинитоста на содржините во предметното аудиовизуелно дело.
- Сите услуги коишто се дефинирани како бесплатни и неограничени, мора да соодветствуваат со „Политика на фер користење“ пропишана од MNet-NVoD.
Технички содржински критериуми
MNet-NVoD има право да дефинира технички услови за прибирање, складирање, емитување и промоција на аудиовизуелни дела, целосно или делумно, во склад на „Општите содржински критериуми“, дел од овој документ. MNet-NVoD има право да креира аудио, аудиовизуелни, графички и текстуални збирки на податоци од содржините на аудиовизуелните дела, како од сопствена продукција, така и во продукција на партнерите на MNet-NVoD. MNet-NVoD има право овие збирки на податоци да ги складира дигитално на своите сервери, како и секаков вид на физички медиум.
MNet-NVoD пропишува услови за квалитет и релиабилност на аудиовизуелните дела, аудиовизуелни траси и информатичка опрема за складирање, коишто партнерите мора да ги имаат во предвид и да ги почитуваат.
Критериуми за заштита на малолетна публика
Аудиовизуелните дела во сите нивни составни делови (опишани во „Содржински критериуми на аудиовизуелни дела“) мора да бидат категоризирани според возрасна категорија на целната публика, како и да содржат аудиовизуелни и графички сигнали за предупредување, пропишани во „Правилник за заштита на малолетната публика“, којшто е моментално на сила и пропишан од „Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“ на Република Северна Македонија (АВМУ).
Составните делови на аудиовизуелните дела наменети за малолетна публика мора да се во согласност со условите за промоција и маркетинг, каде што изречно е наведено дека не смее да се користат техники на скриен маркетинг и наведување на малолетната публика кон користење на одредени производи или услуги.
Заштита на приватност на податоци
Добавувачот, продуцентот, менаџерот, како и партнерите на MNet-NVoD се обврзуваат дека во збирките на аудиовизуелни, графички, тонски и текстуални изрази на информации и податоци нема да вклучуваат и складираат лични податоци во вид на: матични броеви, адреси и телефонски броеви на лица, со коишто би се нарушила нивната приватност.
Физичко лице - учесник во рамки на некое аудиовизуелно дело, може да побара и дополнителна опструкција или целосно отстранување на лик и говор, но само во тек на постпродукција на аудиовизуелното дело. Во спротивно договорот за негова согласност не може да се менува ретроактивно.
Завршни одредби
ДТПУ „М Нет-ХД“ ДОО Штип го задржува правото за дополнување, коригирање и бришење на ставки од условите за користење на платформата MNet-NVoD, како и видоизменување на услугите. За секоја промена на условите или услугите, секој од партнерите ќе биде информиран за настанатата промена, за изнаоѓање на алтернативен начин на соработка или престанок на соработката.
Менаџментот на MNet-NVoD не е должен да ги извести гледачите за промена на услугите.
Во случај на прекршување на било која точка од поглавјето „Услови на користење на MNet-NVoD“, менаџментот го задржува правото за опоменување на партнерите или за раскинување на договорот за соработка.